Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе расправа за одземање на имунитетот на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Седницата на Комисијата е закажана за во 10:30 часот.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Вељаноски, заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристоски вчера попладне беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинитеклство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Вељановски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристоски им беше одреден 30-дневен притвор.

Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетиот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.