Обвинителката Вилма Рускоска за МИА потврди дека за бизнсименот Орце Камчев ќе биде побаран притвор.

Камчев е приведен изутринава во Полициската станица Карпош, потврдиле за МИА извори од Министерството за внатрешни работи. Тој по приведувањето е упатен во Кривичниот суд во Скопје, каде е на распит пред судија по претходна постапка.

Според објавите на дел од медиумите Камчев се подготувал за бегство, а информацијата за ваквиот обид до обвинителството ја доставиле Агенцијата за национална безбедност.

Орце Камчев е еден од осомничените во случајот „Империја“, но и во случајот „Плацеви на Водно“ за кој Рускоска информираше дека истрагата е при крај. Во „Плацеви за Водно“ првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, за кого истрагата покажала дека со пари на партијата си купил плацеви во вредност од 1,3 милиони евра.