Од денес Преспанскиот договор станува закон и во Грција со печат на грчкиот парламент. Медиумите во Грција истакнуваат дека тој договор не само што е контроверзен, туку „македонското прашање“ го затвора на еден многу непопуларен начин – договорот беше постигнат зад затворени врати и за него знаеле само премиерот Ципрас и министерот Коѕијас. Од друга страна 67 проценти од населението се изјаснило дека не го прифаќа договорот, а тој процент е голем и во преименувата Македонија.
„То вима“ денес пишува кои се наредните чекори кои Преспанскиот договор ги диктира, притоа особено подвлекувајќи дека со овој договор ќе ги зајакне ултрадесничарските и неофашистички политички сили во Грција.
Првиот чекор кој Атина ќе го направи, исто како претходно и Скопје, е да го информира соседот со вербална нота за парламентарната одлука. Тоа ќе биде сигнал оти договорот влегува во сила.
Веднаш по тоа, ќе треба да се информираат и меѓународните организации, почнувајќи од ОН, а потоа и ЕУ и НАТО. Потоа ќе следи ратификацијата на Протоколот за прием во НАТО, што ќе значи дека уставните реформи стапуваат во Македонија – таа ќе почне да го користи името Република Северна Македонија, или пократкото – Северна Македонија. Ова ќе биде официјалното име признато од сите држави и во меѓународните организации.
Во исто време ќе бидат разменети указите со кои двете земји ќе воспостават дипломатски односи на ниво на амбасади.
Потоа ќе почне процесот на менување на официјалните документи за меѓународна употреба – крајниот рок е 5 години почнувајќи од денот кога Договорот стапува во сила. Тука, меѓутоа, спаѓаат и сите документи за внатрешна употреба, а роковите се поврзани со членството во ЕУ.
Во рок од 6 месеци треба да се исфрлат од употреба сите симболи на античка Грција, конкретно на Сонцето од Кутлеш (Вергина), а знамето со тој симбол треба да биде отстрането од сите места.
Во овој период треба да се решат и прашања со учебниците, а како најкомплексно и компликувано се смета прашањето со трговските марки, односно користењето на географскиот термин „Македонија“ и македонски.
Comments are closed for this post.