До крајот на овој месец би требало да се знае ставот на Врховниот суд во однос на аболициите дадени од поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов. Врховен ќе одлучува за аболициите во постапка за оценување на предметот „Транспортер“, во кој обвинетите се повикуваат на дадената аболиција. Одлуката на Врховниот суд за овој случај, ќе важат и за останатите судски предмети во кои се вклучени лица што добија аболиција од Иванов.
На одлуката на Врховниот суд се чека, откако Европскиот суд за човекови права, одлучи дека апликациите за дадените аболиции од претседателот Иванов за четирите случаи на СЈО се преуранети, односно дека се уште се во тек судските процеси за тие предмети. Од Судот посочија дека оваа институција може да донесе пресуда дури откако ќе бидат исцрпени сите правни лекови во Македонија.
Врховниот суд постапува по предметот „Транспортер“ од крајот на март, кога предметот беше пратен и на мислење кај обвинител. Еден месец подоцна мислењето беше дадено и оттогаш случајот е во рацете на највисокиот суд во земјава.
Доколку во конкретен предмет би се истакнале наводи кои се во врска со прашањето за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Врховниот суд во согласност со своите надлежности би ги разгледувал засебно во рамките на тој предмет и би се произнесол по истите. При одлучувањето Врховниот суд постапува во согласност со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во оваа смисла, Врховниот суд одлучува и во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и со практиката и стандардите на Европскиот суд за човековите права“, за „Макфакс“ одговориле од Врховниот суд по напатствијата дадени од Европскиот суд за човекови права.
Comments are closed for this post.