Информациите за одвојувањето на УБК од МВР , обвинувањата упатени кон Управата дека не си ја завршиле работата и дека не го спречиле Груевски да избега, како и тоа дека се размислува за можната смена на директор на тајната полиција, во извесна доза предизвикаа вознемиреност и резерва во безбедносните структури.

Како што објави Пресинг ТВ паралено со информацијата за одвојувањето на УБК од МВР, како и со обвинувањата дека и Управата има вина за бегството на поранешниот премиер,  почнаа да кружат и информации дека се појавува дилема дали Горан  Николовски да остане на директорската позиција, или сепак треба некој друг да ја води Управата.

Во трката за можен иден директор на новата, реформирана УБК, покрај сегашниот Горан Николовски, според извори на Пресинг Тв се: Сиљан Аврамовски- заменик директор на УБК, Зоран Верушевски – советник за национална безбедност на Заев, Јовче Ременски- помошник директор на УБК, Виктор Димовски – државен секретар во МНР и Ерол Муслију – заменик директор на Агенцијата за разузнавање.

Поголем дел од кандидатите денеска лично ги контактиравме, а сите со идентичен одговор дека немаат коментар, што од една страна е и типично за луѓето од безбедносните структури, кои секогаш се кријат од очите на јавноста и се молчеливи.

Речиси сите луѓе кои се споменуваат, ги имаат поминато обуките на странските институции во борбата против корупција,криминал и дрога и сите соработуваат со меѓународната заедница.

Но според нашите информации и не сите ја имаат поддршката од странците, што може да биде и решавачко при изборот.

Имињата кои се вратат биле или се дел од УБК и  Агенцијата за разузнавање.  Но, според наши сознанија не се исклучени ниту структурите од военото разузнавање,кои ги имаат поминато обуките според НАТО стандардите, иако засега не се споменуваат конкретни имиња.

УБК СЕ ОДВОЈУВА ОД МВР

Случајно или не одлуката за моделот по кој ќе се реформира УБК, се поклопи  со денот кога екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, беше приведен во хотелот „Мериот“ во центарот на Скопје и му беше одреден 30-дневен притвор, како обвинет во случајот „Таргет – Тврдина“.

Владата пред два дена го разгледа и усвои Предлог моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем , со план за негово воспоставување.

Ова значи дека УБК отсега ќе функционира како посебно и независно тело, надвор од МВР, но под ингеренции на Владата. Според усвоениот план, тајната полиција ќе се претвори во разузнавачка и контраразузнавачка служба, ќе има превентивна, а не репресивна функција со јасна поделба на овластувањата, автономија во истраги и целосна деполитизација.

Промените исто така подразбираат јасна поделба на надлежностите на УБК и на БЈБсо што се очекува да се избегне судир на надлежностите на терен.