Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција информираше за новите мерки кои владата чија седница е во тек ги прифатила.

Како прва мерка е прекин на работата во воспитно образовниот систем на територијата на целата држава во времетрањење од 14 дена. Исто така се ослободуваат и вработените во овие обрзовни институции. Дополнително, за еден родител на дете до 10 години да се ослободи од работни обврски во следните 14 денови.

Се прекинува и со наставната дејност во високообразовните установи.

Се забрануваат сите масовни собири и настани со над 1000 учесници во следните 14 денови. Забрана ќе има и за присуство на публика на спортските настани во рок од 30 дена.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна довола од Министерството за здравство.

Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана.

Да се воведе хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании.

Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Во земјава се регистрирани седуммина заболени од коронавирусот, меѓу кои и директорката на Клиниката за кожни болести.