Владата денес соопшти дека ги прекинува мерките и препораките донесени за превенција од  енормното загадување во неколку градови во земјата.

„Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 21.01.2019, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188  микрогами на кубен метар, и епизодата од два последователни дена е прекината во Скопје на мерните места Центар, Карпош и Ректорат, Миладиновци, Битола на мерните места Битола 1 и Битола 2, Гостивар и Тетово.

Исто така, ве информираме дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 188 микрограми/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, е надминат на мерното место Струмица“, се наведува во соопштението.

Владата притоа соопшти дека за Струмица остануваат на сила препораките и мерките согласно заклучоците од 40-та седница на Владата на Република Македонија. Тоа значи дека важи наредбата да се ослободат од работните обврски во државната управа, агенциите, фондовите, бироата и во јавните претпријати бремените жени, лицата постари од 60 години како и хронично болните од астма и кардиоваскуларни заболувања.