Шведската полиција го уапсила Дејан Давидовски, обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, потврдиле за СДК.МК од македонското Обвинителство. Од обвинителството информирале и дека Македонија побарала негова екстрадиција.

Како што објави шведскиот весник „СВТ нихетер“, 39-годишниот Давидовски, по кого пред една година има распишано меѓународна потерница и по кого трагаше Интерпол, е уапсен во Шведска, на аеродромот Скавста каде што пристигнал на 7 април.

Тој е македонски државјанин, но патувал со документи од друга европска земја каде што живеел. Тој има и шведски број на социјално осигурување, бидејќи работел во Шведска.

Кога давал изјава за шведската полиција, тој негирал дека ќе има никаква врска со нападот на Парламентот во Република Македонија. Сепак, по барање на шведските обвинители, окружниот суд на Никопинг му изерекол притвор поради голем ризик за негово бегство.