Собранието не смее да биде гласачка машина и законите мора да се носат низ широка дебата. Државниот интерес мора да биде над партискиот.
Вака говореше тогашната опозиција, а сегашна власт за тоа дека во Собранието набрзина се носат закони.
Неколку години подоцна ја имаме истата слика. Власта балансирајќи за потребите да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставни измени, посегнува по измени на Кривичниот закон, по скратена постапка, каде што директно или индиректно се засегнати дел од пратениците.
Во програмата на СДСМ наречена „за живот“ стои дека скратената процедура е лоша процедура и оти таквото носење на закони го осакатува нивниот квалитет и создаваат несигурност кај граѓаните.
Во јавноста но и меѓу пратениците деновиве се крена галама за измените во Кривичниот законик и членот 353. Во периодот пред референдумот власта тврдеше дека опозицијата бара амнестија и измени на членот од Кривичниот законик кој се однесува на намалување на казната или пак застарување на делата.
Шекеринска пред четири месеци тврдеше дека измени на членот 353 бара ВМРО-ДПМНЕ поради амнестија и оти опозицијата не била заинтересирана за интересите на државата.
Владејчкото мнозинство вчера се обиде да го стави на дневен ред овој член, но неофицијно се откажа под притисок на јавноста и странските амбасади. Но според изнесеното на денешната собраниска комисија не отстапуваат од промена на овој член, со образложение дека е неопходна бидејќи истиот се користел за политички пресметки.
Измената на членот 353 со кој се уредува злоупотребата на службената положба и овластувањата предвидува казна затвор од 6 месеци до три години. Доколку измените стапат на сила, кривично ќе се гони сторител кој ќе прибави имотна корист а не како до сега, некаква корист при злоупотребата на службеното овластување или положба.
Comments are closed for this post.