Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски, обвинет за нарушување на јавниот ред и мир со поставувањето знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид.
Рочиште беше одново одложено поради тоа што и овојпат во судницата не се појавија претставници на МВР, од каде всушност беше и поднесена прекршочната пријава за „истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утв рдени со закон“.
-На судењето воопшто не се јавија претставници на МВР. Очигледно е дека МВР бега од средба и пулените на Оливер Спасовски не дојдоа да објаснат како ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас воопшто не се чувствувам виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме. Не сум го нарушил јавниот ред и мир, не постои ниту еден меѓународен, билатерален или мултилатерален договор, што може да ме спречи мене како Македонец да го развијам македонското знаме, изјави Менкиноски.
Тој додаде дека од Судот ќе бара да донесе ослободителна пресуда од причина што како и во претходните рочишта не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.
– Ова не е битка за мене, туку за нас Македонците, иста како што онаа ја водевме пред Стразбур за Македонците од Пиринска Македонија. Во слободна држава да не смееме да развиеме македонско знаме, нема поголем апсурд, рече Менкиноски кој пред Судот во Стразбур ги застапуваше Македонците од пиринскиот дел на Македонија.
И овојпат пред Судот во Охрид се собраа стотици граѓани во знак на поддршка на обвинетиот, кој доброволно ја презеде одговорноста за поставувањето на големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самоиловата тврдина во центарот на Охрид на верскиот празник Водици.
Comments are closed for this post.