Јасно изразената волја на граѓаните изразена на референдумот, со која се испрати гласна порака дека капитулантскиот договор не се прифаќа, треба и се очекува да биде почитувана од сите пратеници, од сите функционери, од сите институции, првенствено од Собранието кое што го распиша референдумот, а потоа и од владата. Зоран Заев не е, ниту може да биде над народот. Нема друга демократска држава каде што премиер гази врз волјата на народот, ова денеска на пресконференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев не доби мандат од граѓаните на избори да го избрише името Република Македонија, ниту граѓаните се согласија преку референдум да го поддржат капитулантскиот договор од Преспа со кој што се менува македонскиот идентитет. Непочитувањето на овој јасен став е силување на демократијата, исто како што беше силуван гласот и избирачкото право на над 50.000 гласачи на одржаниот референдум. Постојано приложуваме докази за масовно кршење на демократијата и полнење на кутии, потенцираше Стоилковски и денеска презентираше докази со кои располага партијата.