„Што уште треба да се случи за обвинителството да влезе во СЈО на Катица Јанева и да изврши претрес?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција која ја организираа во врска со случајот „Рекет“.
„Да почнеме од последниот случај, во СЈО се врши „трајно бришење на компјутери“ со цел безбедносно отстранување на евентуално зачуваните разговори. Ова значи дека со налог на Катица Јанева неповратно се избришани информациите за „сообраќајот“ – кој, кога и што работел на тие машини, на тие компјутери“, изјави портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.
Од опозицијата се сомневаат дека со одложувањето на акцијата на обвинителството се купува време за Катица Јанева, да брише или да влијае врз сведоци.
„Впрочем дека нешто се прикрива, а за тоа Русковска обвинителството молчи, доказ е и телефонот на Катица Јанева. Тој прво беше пријавен за изгубен во Белград, па потоа мистериозно пронајден кај девојката на синот на Јанева, за сега да се утврди дека бил целосно форматиран, односно од него се избришани сите податоци кои можеле да бидат дел од истрагата. Патем идната снаа на Јанева која што го поседувала телефонот била дел од структурите на СЈО на Јанева. Очигледно дека не само што цело СЈО е ангажирано за бришење на трагите на вмешаност на Катица Јанева во „Рекет“, скандалот октопод, туку гледаме дека и обвинителството на Русковска при очи не прават слепи и случајот од петни жили се обидуваат да го ограничат само на двајцата осомничени Бојан Јовановски, Боки 13 и Зоран Милевски, наречен Кичеец“ изјави портпаролот на партијата.
Од партијата порачаа да се испита невладината организација на Боки 13 и да се влезе во СЈО со цел разоткривање на целата рекетарска мрежа.
Comments are closed for this post.