Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најавуваа повлекување на амандманите на Законот за државјанство и очекуваат истото да го направат пратениците на Алијансата за Албанците и Алтернатива за да се одблокира донесувањето на петиот пакет мерки за помош на стопанството.
Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат исто така и пратениците на СДСМ да кажат дека предложените измени во законот се неприфатливи.
И премиерот Зоран Заев очекува оваа недела во Собранието да бидат донесени законите од петтиот пакет економски мерки. Тој вчера уште еднаш повтори дека ќе се најде решение за законот за државјанство и апелира секој да ја исполни сопствената одговорност.
„Очекувам оваа недела ако може да се заврши. Повторно ја испраќам пораката сите да го завршиме својот дел од одговорноста пред нашите граѓани и да не ги залекуваме било кои суети ставови на грбот и на штета на граѓаните. Изразивме јасни ставови на работната средба со претставниците на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Го видоа нашиот дух и спремност дека овој закон ќе го поддржиме, решението ќе го изнајдеме во тој дел како е тоа најдобро прифатливо за да се реши статусот и да добијат државјнаство граѓаните кои немаат. Затоа апелирам да се ослободат ден порано законите зашто не правиме никому добро, а останува целосната наша посветеност за изнаоѓање трајно решение за добивање државјанство“, рече Заев.
Опозицијата предупредува дека нивните анализи покажале дека дупката во државата каса во првите три месеци од оваа година се движи меѓу 110 и 115 милиони евра и најверојатно ќе биде потребна нова обврзница за да се обезбедат пари за поддршка на компаниите.
Министерот за финансии неодамна изјави дека буџетот е во добра кондиција. „Наплатата на приходите во Буџетот од почетокот на годината е подобра и во однос на преткризниот период минатата година. Од почетокот на годинава заклучно со средината на март е повисока за 3,1% во однос на истиот период минатата година, додека наплатата на даночните приходи е повисока за 4,2%“.
Собранието денеска треба да ја продолжи 30-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои законите за употреба на знаковниот јазик, за заштита од вознемирување на работното место, за практиканство, за волонтерство, како и за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување.
Со европско знаменце, на дневен ред пред пратениците, денеска е и предлог-законот за измена и дополнување на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, во прво читање.
На 30-тата собраниска седница се и неколку предлог-закони во прво читање, меѓу кои за изменување на законите за спречување на насилство на спортски натпревари, за земјоделско земјиште, за планиниски патеки, за заштита од бучава и за животна средина.
Седници, денеска ќе одржат и собраниската Комисија за финансирање и буџет и собраниската Законодавно-правна комисија, на чиј дневен ред е Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството.
Comments are closed for this post.