ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ги коментира шпекулациите во медиумите дека на вечерашната седница на Централниот комитет ќе биде побарана оставка од претседателот Христијан Мицкоски или дека од партиските редови ќе бидат исклучени поранешни високи партиски и државни функционери.
Но, со оглед на досегашната практика дека во оваа држава се конзумира „скопско„ и се е можно, нема да биде никакво изненадување ако работите се одвиваат поинаку од очекувањата.
По гласањето во Собранието за почнување на постапката за уставни промени, согласно договорот со Грција, кога осуммина пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за„, останаа отворени многу прашања. Едно од нив, секако, е дали тие, по нивното исклучување од партијата, ќе се издвојат во посебна пратеничка група. Ова не е бесзначајно, зашто тие натамошната поддршка на уставните промени ја условија, меѓу другото, со формирање посебно собраниско тело, кое во рок од 30 дена треба да изготви и предложи план за простување во врска со настаните од 27 април и воопшто за национално помирување.
Дотолку повеќе што е предвидено тоа да биде составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието.
Наспроти најавите за експресно формирање на ваквото тело, сепак, неизвесноста останува. Клучно е дали во него ќе учествува шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, што може да биде и предмет на расправа и на закажаната седница на Централниот комитет. Ако тој не биде дел, тогаш ќе се дојде до една, благо речено, апсурдна ситуација. Доколку формираат посебна пратеничка група, исклучените пратеници, кои, сепак, се со предзнакот на ВМРО-ДПМНЕ, да ја дисциплинираат самата ВМРО-ДПМНЕ!?
Доколку ВМРО-ДПМНЕ опстои на ставот против уставните промени, тогаш основано ќе биде поставено прашањето со кого, всушност, ќе се помирува власта? Помирувањето само со осумтемина пратеници би било беспредметно, а неопходното, вистинско национално помирување ќе биде исто толку далеку, далеку, колку што било и во изминатите стотина години наназад.
Во тој контекст, во ништо не помагаат обвинувањата на власта на сметка на опозицијата за, наводно, антизападно раководство на ВМРО-ДПМНЕ или непотпишани соопштенија од обвинети за настаните од 27 април. Зашто, од авион се гледа менталниот склоп и потписот на старата, добра удба.
Comments are closed for this post.