Комисијата за мандатно имунитетни прашања со пет гласа „За“ препорача одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ја напуштија комисиската расправа. Пратеникот Трајко Велјановски пред напуштањето рече дека пратениците од пратеничката група ќе гласаат против одземањето на мандатот на Груевски.

Сведоци сме на политички мотивирани процеси. Денес на пратениците им се суди за искажано мислење. Овде за Груевски не е докажана ниту штетата на државата, ниту пак користа која ја стекна Груевски. Во автомобилот кој е предмет на кривично дело се возеа и се возат сите странски гости. Нарачан политички процес потребен за јавноста да се дефокусира, а овде треба да се доуништи демократијата. Тоа се политиките на оваа власт со кои се гази македонски народ, затоа пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат против одземање на мандатот на Никола Груевски, рече Вељаноски.

Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацоски, откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата излезе на говорницата и возврати дека во Македоноја како никогаш досега владеат законите.

 Никој не е над правдата. Секој оној за кој има судска одлука дека ги прекршил законите мора да одговара без оглед на неговата функција. Имаме обврска да ги почитуваме законите и не смееме да дозволиме никој да побегне од одговорност и да се затскрива зад политичкиот мандат.

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски исто така се обрати од говорницата и нагласи дека Груевски е недостоен да ја извршува пратеничката функција.

Во собраниската сала се појавија и неколкумина пратеници од независнста група на ВМРО-ДПМНЕ кои побараа збор. Се обрати пратеникот Сашо Василевски кој рече дека иако немаат право на гласање во Комисијата, тие се против одлуката на Груевски да му биде одземен мандатот.

Инаку, член на Комисијата од незавината група е Крсто Мукоски, но тој денеска не се појави на комисиската расправа. Не се појави ниту Никола Груевски иако бил уредно поканет.

Комисиската одлука се праќа до до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според Деловникот треба да ја стави одлуката на наредната собраниската седница.