Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека изјавата на Седат Пекер дека го познава македонскиот премиер, дека се пријатели и дека бил кај него дома, го разоткри целиот театар на власта околу скандалот Мафија.
-Оваа изјава го потврдува ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека власта на Заев во паника од излегувањето на аферата со 214 македонски пасоши доделени на светски криминалци со крадење на идентитети, организираше апсење на ситни риби и чиновници во МВР со цел да ја сокрие вмешаноста на високи функционери во власта. Имено изјавата на Пекер, кој е баран со потерници и посочуван за бос на туркста мафија, покажува дека Зоран Заев не само што знаел за неговиот престој во Македонија, туку и го примал на гости дома, а веројатно и самиот помагал тој да добие официјални македонски исправи под лажен идентитет Џадин Амедовски. Зоран Заев два дена молчи и не одговара, а со тоа сето ова го потврдува, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека уште од самиот старт на јавноста и било јасно дека ваква операција за делење на 214 македонски пасоши на светски нарко босови, криминалци, мафијаши, убијци и терористи, не може да го направат обични чиновници, кои патем од страна на власта на Заев беа експресно осудени на смешни казни и условно.
-Повторно ја прашуваме власта: Кога имал Заев средба со Седат Пекер надвор од Скопјеи што тие двајца разговарале? Второто прашање до Заев е, колку од советниците на Зоран Заев во неговиот кабинет оствариле средба со Седат Пекер? И нашето трето прашање е, со кои високи функционери од МВР октомври 2020 година, Седат Пекер имал средба во хотелот „Буши“ за што е известена и Агенцијата за национална безбедност?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.