Член 39 од Уставот на Република Македонија гласи: „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“, ова денеска преку прес-конференција го истакна Синиша Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Водени од Уставот и обврската како народни претставници, пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, ги поддржува измените со кои се овозможува увоз на вакцини, но и други медицински и имунолошки средства со цел справување со SARS COV 2 т.е. коронавирусот. Во текот на вчерашниот ден се усвоија измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства, а денес на Комисијата за финансирање и буџет се дополни Законот за јавни набавки со кој се овозможува без административни пречки да се склучи договор со фармацевтските компании. Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалцијата поднесе амадмани со кои се прецизира дека државата може да даде аванс поголем од 20% во случај кога се набавуваат имунолошки средства за справување со SARS COV 2, како и амандман со кој се прецизира дека само во случаите при набавка на вакцина за SARS COV 2 правно лице надвор од територијата на Република Македонија може да поднесе барање за ставање на лек во промет. Ја поздравуваме одлуката на парламентарното мнозинство да ги прифати нашите забелешки и заеднички да ги донесеме овие исклучително битни законски решенија во интерес на граѓаните на Република Македонија, вели Стојаноски.
Тој додава дека потребната законска регулатива добива зелено светло од Собранието на Република Македонија.
Она на што треба заеднички да работиме во периодот кој што следува е промовирање на позитивна клима за вакцинација и информативна кампања во насока кога ќе пристигнат првите вакцини да можеме вакцинацијата да ја започнеме и да ја спроведуваме со динамика која што ветува успешен исход во борбата со КОВИД 19. Почитувани, пандемијата не не дели ниту по политичко-партиска ниту по идеолошка ниту по национална или верска припадност. Подеднакво сме засегнати сите. Затоа, единствен начин да ја ставиме под контрола истата е преку ваков позитивен пример на заедничко делување во законодавниот дом, вели Стојаноски.
Comments are closed for this post.