Собранието вчера со двотретинско мнозинство ги изгласа реформските закони од сферата на безбедноста кои се значајни за земјава како дел од условите на влезот на Македонија во ЕУ и НАТО. Изгласувањето на неколкуте закони беше поздравено од ЕУ и од САД.
Власта и опозицијата ги поддржаа законите за Агенцијата за национална безбедност, на законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, за следење на комуникациите, за внатрешни работи и дополнетиот закон за странци.
Со донесените пакет закони во безбедносниот сектор се очекува да се стави крај на концентрацијата на моќ на тајната полиција, а да се создаде ефикасна деполитизирана и департизирана служба во функција на зашита на државата, како и на правата и слободите на граѓаните, пишува во образложението за овие закони.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница истакна:
Изминатиот период имавме два закони предложени од страна на Владата, тоа беа законите за трансформација на УБК во нова Агенција за национална безбедност и Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Овие закони беа клучни за нашите евроинтегративни процеси и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ во интерес на државата и нејзината иднина го даде својот придонес кон подобрување на овие два закони“.
Собраниската комисија за прв пат добива увид во материјално-финансиското работење на Агенцијата за национална безбедност, како и во начинот на користење на средствата за т.н. посебни намени.
Потпретседателката на СДСМ Фросина Ременски не беше задоволна од финалната верзија, речиси сите нејзини амандмани беа одбиени од министерот Спасовски, но таа гласаше за. Таа вели причината е да не биде сфатена како кочничар на процесот.
Ременски и пратеникот Мухамед Зекири сметаат дека со веќе изготвениот закон, новата Агенција за национална безбедност ќе биде политизарана и партизирана бидејќи пратениците ќе вмешаат прсти во вработувањата и селекцијата на составот.
Според министерот Оливер Спасовски овој пат пратениците докажале дека можат заеднички да направат реформи за граѓаните, а не само поради потребата за евроатланската интеграција на државата.
Со новите измени, Управата за безбедност и контраразузнавање се трансфорира во Агенција за национална безбедност како посебна институција надвор од МВР.
Честитки од ЕУ и од САД
Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД во земјава го поздравија донесувањето на реформските закони од сферата на безбедноста кои се значајни за евроатлантската интеграција на земјата.
Го поздравувам усвојувањето на реформските закони од областа на разузнавањето и безбедноста во Парламентот. Конструктивниот дијалог резултираше со напредок во една од клучните областа на владеење на правото. Очекувам ефективна имплементација на реформите. Целото внимание треба да се фокусира на законот за јавно обвинителство и специјалното јавно обвинителство. Нема време за губење, твитна амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар.
Донесувањето на законите од безбедносната сфера во изјава за МИА го поздрави и Амбасадата на САД во земјава.
Реформата на безбедносниот сектор во Северна Македонија е клучна обврска во процесот на зачленувањето на земјата во НАТО. Му честитаме на Парламентот за заедничките напори во усвојувањето на овие важни закони, се наведува во изјавата за МИА од Американската амбасада.
Пратениците на денешната собраниска седница со двотретинско мнозинство ги изгласаа реформските закони од сферата на безбедноста кои се значајни за земјава на патот кон ЕУ и НАТО.
Како ќе не пресислушуваат
Законот за следење на комуникациите (популарно прислушување) предидува:
Член 20
(1) Барање за донесување наредба за спроведување мерка за следење на комуникациите од членот 18 од овој закон, поднесува Јавниот обвинител на Република Македонија на предлог на министерот за внатрешни работи или од него овластено лице или на предлог на министерот за одбрана или од него овластено лице.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член ги содржи:
– видот на мерката за следење на комуникацијата за која се поднесува барањето,
– податоците за физичкото или правното лице кон кое ќе се спроведува мерката, податоци за објектот, просторот или предметот за кој ќе се спроведува мерката,
– органот кој треба да ја спроведе наредбата,
– образложение на причините и потребата поради кои се предлага спроведување на мерката,
– времетраењето на мерката и
– видот на телекомуникацискиот систем, телефонскиот број или друг податок за идентификација, како и идентификациски број за секој од нив поодделно.
(3) Ако барањето се доставува за донесување наредба за повеќе мерки за следење на комуникациите се наведуваат податоци за секоја мерка одделно.
(4) Барањето за спроведување мерка за следење на комуникациите од ставот (1) на овој член Јавниот обвинител на Република Македонија го поднесува до судијата на Врховниот суд на Република Македонија, одреден со внатрешниот распоред на судот.
Инаку податоците собрани и обработени со извршувањето на наредбата за спроведување на мерките за следење на комуникациите се чуваат во овластените органи за спроведување на мерките, во согласност со прописите за заштита на лични податоци и класифицирани информации, за период од три години.
Comments are closed for this post.