Неправосилно осудените „терористи“ за настаните од 27 април 2017 година во македонското собрание се уште ги немаат добиено пресудите. Тие беа изречени на 15 март годинава, а рокот за доставување е 60 дена, што ќе рече дека тие требаше да им бидат доставени уште пред една недела. А, не е готова ниту единствена ослободителна пресуда на Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“.

Пресудите на обвинетите за 27 април се уште писмено се изработуваат и кога ќе бидат завршени, ќе бидат доставени до странките за што ќе ја известиме јавноста. Рокот за доставување е 60 работни дена, велат за Пресинг Тв од Кривичниот суд Скопје.

Адвокатот Звонко Давидовиќ потврдува дека пресудите се уште не им се доставени на неправосилно осудените.

Нивна измислица е дека рокот за доставување е 60 работни дена. Рокот е 60 дена, така пишува во Законот и уште студенти во прва година учат да го читаат и применуваат законот. Таквото нивно толкување е прикривање на нивната неспособност и дава општа слика за состојбите во судството. Несериозно е да објавиш пресуда и луѓе со месеци да лежат во притвор, односно затвор, само затоа што судот е некадарен да ја напише пресудата, вели Давидовиќ.

Рокот за жалба на пресудата е 15 дена од нејзиното добивање. Според Давидовиќ, целото судење се претворило во обична играрија, особено по донесувањето на законот за амнестија. За него е несфатливо тогаш актуелниот министер за внатрешни работи да не го допре одговорност, туку само пониските ешалони.

Во меѓувреме, Апелациониот суд ги укина гаранциите, што извесен временски период важеа истовремено со одредената мерка притвор. Но, добро упатени извори укажуваат дека Апелација со решение констатирала дека Основниот суд погрешил кога  ги изрекол двете мерки-и притворот и гаранцијата. Меѓутоа, за да се прикрие гршката на судијката, која ги изрекла двете мерки истовремено, гаранцијата е укината по службена должност. Притоа, се потврдува притворот, иако според законот гаранцијата може да се укине само ако лицето е  осудено со правосилна пресуда и упатено на издржување на затворска казна. Како шлаг на торта, велат доброупатени извори, во своите решенија Апелација нема правна поука, а покрај тоа, тие изобилувале со куп катастрофални грешки.

Непочитувањето или пробивањето на рокот за доставување на првичните пресуди остава простор за дополнителни шпекулации, што се поврзуваат со најавите на обвинителството дека имињата на конкретните организатори на настаните од 27 април ќе бидат објавени кон крајот на мај. И сето ова во контекст на носењето на новите закони за обвинителството и идниот статус на СЈО.

За потсетување, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, доби највисока казна од 18 години затвор, по 15 години добија полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Чентo, Влатко Трајковски и Никола Митревски- Кољо.

Вилијам Михајловски доби 14, а Оливер Поповски 13 години затворска казна. По 12 години добија Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ. Обезбедувачот на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски-Оливер Радулов доби 10 години затвор, а вработениот како обезбедување во Собранието, Абдуљфета Алими, доби 7 години. На обвинетиот Александар Василевски – Нинџа му беше изречена казна затвор од 8 години.

Осудените се теретеа за кривично дело “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски.