Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на редовната годишна седница што вчера и денеска се одржуваше во манастирскиот комплекс „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта го потврди и реафирмира ставот за неменување на името на МПЦ и неменување на името на државата.
Во Резолуцијата на Соборот, како што истакна денеска на прес-конференција портпаролот на МПЦ-ОА владиката Тимотеј, поддржан е ставот на МПЦ од 26 декември лани за неменување на уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на РМ и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет.
– Членовите на АЦНС воедно упатуваат и апел за национално единство и искрен и молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за нашата татковина, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско, истакна Тимотеј.
Comments are closed for this post.