Премиерите на државите на Вишеградската група, на денешната средба со претседателите на владите на земјите од Западен Балкан, на која учествува и премиерот Зоран Заев, денеска во Прага ја усвоија Декларација на Вишеградската група. Во неа се повикуваат „сите засегнати страни во Европската Унија, а во однос на октомврискиот Совет за општи работи, да го задржат и зајакнат позитивниот импулс и енергијата која произлезе од напредокот во реформите и од стапувањето во сила на историскиот Преспански договор, преку отворање на пристапните преговори со Македонија и со Албанија“.
Декларацијата на Вишеградската група нагласува дека започнувањето на пристапните преговори во октомври 2019 година не само што ќе овозможи двете држави да се посветат уште повеќе на потребните реформи, туку ќе служи како значаен поттик за целиот регион и гаранција дека Европската Унија ќе продолжи да има водечка улога во позитивната трансформација на регионот.
Премиерите на земјите членки на Вишеградската група, во декларацијата изразуваат очекувања, во согласност со Стратегијата на Европската Комисија за Западниот Балкан од февруари 2018 година, дека пристапните преговори со Србија и Црна Гора ќе бидат забрзани во текот на следниот мандат на Комисијата во согласност со напредокот постигнат од двете држави, како и дека реформските процеси во Босна и Херцеговина и Косово во натамошниот период ќе ги зајакнат шансите за членство во Европската Унија на регионот.
Во декларацијата од Прага се повторува поддршката за државите партнери од Западен Балкан во нивната подготвеност за одржување на стабилноста во регионот, зајакнување на владеењето на правото, борбата со организираниот криминал и корупцијата, зајакнувањето на отпорноста кон хибридните закани, спречување на радикализацијата и контрола на миграцијата.
Comments are closed for this post.