Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со граѓани, членови и симпатизерите на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Јегуновце.

Мицкоски на средбата најпрво се осврна на црнилата кои ги спроведува Зоран Заев и СДСМ, како и на лошата економска политика која директно удира врз граѓаните на Република Македонија. Како што рече тој владата на СДСМ воведува нови даноци за граѓаните кои што не само што го отежнуваат животот на граѓаните туку го прават и многу посложен.

Според него, владата на СДСМ брутално ги манипулира граѓаните со изговор дека со покачување на даноците се зема од богатите а се дава на сиромашните, нагласувајќи дека ваквите штетни мерки кои се носат се само во интерес на нивните криминални бизнис интереси склучени во четири очи.

Практично донесоа низа мерки кои подразбираат само едно, а тоа е како од граѓаните да земат за да стават во Буџет и од таму да им врват тендерите. А како ќе им врват тендерите во четири очи, тоа е многу едноставно. Немаат совет за јавни набавки да ги контролира, сами си прават технички спецификации, си објавуваат, тарифата е јасна од 10 до 15 процени се движи,зависи од големината на бизнисот, местото на испорака и тоа се знае каде во еден ресторан на југоисточна Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Мицкоски, додаде дека Зоран Заев и Кочо Анѓушев во 2017 година во Јегуновце и им ветуваа подобар живот, како и рестартирање на фабриката Југохром, но и после долг период се уште нема ништо од нивните ветувања, објаснувајќи дека нивните ветувања се само шарени лаги.

Овде во Јегуновце дојдоа 2017 година, јуни месец кога премиерот гордо велеше дека ќе направел се за да ги врати луѓето на работа, да го рестартира Југохром. Па после него есента чинам, октомври дојде Анѓушев и велеше до мај, ако не е мај тогаш јуни сигурно стартува со работа Јегуновце. Но, еве помина мај, јуни, помина и октомври и ноември, декември, еве и јануари дојде 2019 година и сега имаме ново ветување ако не минатите мај и јуни, сега оваа 2019 година сигурно овие ќе било. Но, тоа се само обични шарени лаги. Нема ништо да се случи, потенцираше Мицкоски.