Ведран е првото бебе кое се роди во 2019 година на Клиниката за Гинекологија и акушерство при Универзитетскиот клинички центар во Скопје, една минута по полноќ.

Бебето е прво дете на 25-годишната скопјанка Александра Ангеловска, тешко 3.920 грама и долго 52 сантиметри.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој го посети Ведран заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов му посака да биде здрав и жив но, и како што рече, редовно да се вакцинира.

Филипче информира дека ноќеска на Клиниката за Гинекологија и акушерство при Универзитетскиот клинички центар во Скопје се родиле седум бебиња.

Дежурниот тим, според директорот на Клиниката Игор Самарџиски, бил прилично ангажиран со оглед дека имало неколку комплицирани случаи.

На нашата Клиника во изминатата 2018 година се родија вкупно 4.630 бебиња, истакна Самарџиски.

Здравје и среќа на Ведран му посаката и министерката Царовска и градоначалникот Шилегов.

Мајката од Министерството за труд доби златник, а од Град Скопје штедна книшка со 20.000 денари, кадифено мече и бонбониера.

Би сакала сите да добијат ваков подарок како мене. Се чувствувам прекрасно. Не очекував дека ќе се породам веднаш по Нова Година, но се надевав и ми се исполни тоа. Породувањето помина во најдобар ред, изјави мајката на Ведран, Александра Ангеловска.