Поддршка на Северна Македонија за продолжување на евроинтеграцискиот пат и пораки до опозицијата да поддржат уставни измени упатија вчера од Скопје тројцата министри од Вајмарската тројка Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.

По заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ тие се упатија на средба со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, од каде, како што беше подоцна соопштено, им бил повторен ставот дека тие не поддржуваат уставни измени во вакви политички околности и дека треба да се почитуваат Копенхашките критериуми и за нашата земја.