Дали ќе има напредок во преговорите околу законот за јавно обвинителство ќе се знае по средбата на работните групи на власта и опозицијата што е закажана за утре, откако вчера немаше никакво поместување во делот на разговорите.
Немавме никакво поместување во делот на разговорите. Разговаравме за членот 105 кој е клучната пречка во донесувањето на законот, а тоа е околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега. Се договоривме ВМРО-ДПМНЕ да направат одредени дополнитени консултации и се договоривме наредбата средба да биде во петок, да видиме по тие консултации каде ќе можеме да најдеме заеднички став, изјави вчера министерката министерката за правда Рената Дескоска по завршувањето на средбата меѓу работните групи.
Дескоска повтори дека нивните црвени линии во донесувањето на законот се всушност во тој член со оглед на тоа што станува збор за член кој треба да овозможи продолжување на гонењето за сторени кривични дела и оти она што не може да биде прифатено во ниеден случај за Министерството за правда е внесување на одредби кои ќе значат скриена амнестија за одредени дела.
Ѓаволот е во деталите, кога ќе треба да го регулирате тоа што отворено е кажано во јавност, кога ќе треба да го формулирате правно ги гледате замките. Дали постојат замки или не во одредени ставови, рече Дескоска одговарајќи на прашањето, зошто опозицијата повторно бара да не важат доказите откако се согласија јавно секој обвинител да одлучи кои докази ќе ги користи.
Според министерката за правда, веќе се кристализира дека СЈО ќе биде посебен орган, но тоа прашање, како што рече, целосно не е затворено, бидејќи сé уште се во фаза на постигнување договор.
Претставникот на опозицијата во преговорите Тони Менковски по вчерашната средба изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од принципот на владеењето на право што е преточено во амандманите.
Според него, мандатот на СЈО е јасно дефиниран во законот, 18 месеци од добивањето на нелегно стекнатите прислушувани разговори.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, пак, верува во процесот и, како што изјави ќе го почитува законското решение кое ќе го усогласат двете страни.
Верувам во процесот на преговорите или прифаќањето на амандманите од страна на опозицијата затоа што се работи за врвни професионалци како од страна на Владата, така и од страна на опозицијата, со исклучок на некои личности поврзани со нашите предмети кои веќе не се во преговорите, истакна Јанева.
Таа посочи дека законот секогаш може подобро да биде формулиран и дека во суштина се надминати разликите за тоа што ќе работи СЈО.
Договорот за законот за јавно обвинителство е еден од условите за добивање позитивен извештај на Европската комисија.
Comments are closed for this post.