Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати за утре закажал колегиум со судиите, на кој детално ќе дискутираат по иницијативата за членот 353, став 5 од Кривичниот законик, а која се однесува за злоупотреба на службената положба. По овој предмет уставните судии дискутира на последата седница, а гласањето беше одложено за следната седница.
-Ние во Уставниот суд имаме сериозен пристап за секој предмет. Предметот се одложи минатата седмица. Утре поради сериозноста на работата закажав колегиум со судиите, на кој детално ќе дискутираме за оваа проблематика. Откога ќе завршиме со колегиумот ќе заземе став за понатамошната постапка, изјави Мурати одговарајќи на новинарско прашање по денешната средба со францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.
Мурати рече дека предметот било на дневен ред на седницата што се одржа минатата недела и за него се отворила полемика.
-Секој судија си има свој пристап во предметот и јас како судија имав свој став и свое стојалиште, но поради интересот на јавноста во Република Македонија предметот во договор со судиите минатата недела го одложивме. Утре имаме колегиум само за таа точка. Сите судии имаат сериозен пристап по предметот и по колегиумот ќе го утврдиме понатамошниот тек на предметот, истакна Мурати.
Иницијативата за оценување на уставноста на став 5 од членот 353 за злоупотреба на службената положба е поднесена од адвокатот Еленко Миланов, кој брани неколку поранешни функционери.
Comments are closed for this post.