Уставниот суд утре ќе одлучува за иницијативите за оценка на уставноста на референдумот на 30 септември поднесени од Светскиот Македонски Конгрес, Левица и Марјанчо Ангеловски од Куманово. Судијата известител Елена Гошева предложи судот да изрече времена мерка стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот. Деветмина судии ќе решат дали тоа ќе се случи или пак референдумот сепак ќе се одржи. Доколку судиите се изјаснат позитивно за иницијативите тоа ќе значи дека ДИК како надлежен орган ќе треба да ги прекине активностите за организирање и спроведување на референдумот.
Партијата Левица смета дека распишувањето на референдумот е спротивно на Уставот и Законот за референдум бидејќи документот ги нема сите делови што треба да ги има. Забелешките се и во насока дека на референдумот ќе манипулативно и повеќезначно прашање и дека референдумот се однесува и на сојузништвото со Европската унија што подлежи под други правила за одлучување.
Светскиот Македонски Конгрес пак смета дека референдумот е во спротивност со Уставот, Законот за референдум и меѓународното право.
Расправата на уставните судии доаѓа во екот на интензивна кампања за поддршка или бојкот. Владеачката коалиција ја спроведува кампањата за поддршка “Излези за европска Македонија”, интензивна исто така е кампањата за бојкот на референдумот, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ на протесни маршеви из државата ги објаснува своите позиции за штетноста на дооворот со Грција. Последниов период редица странски претставници ја посетија Македонија и го поддржаа референдумот. За исполнување на цензусот на референдумот е потребно да излезат 903 189 гласачи.
Comments are closed for this post.