Осумтемина уставни судии денеска не се договорија да се одлучува за аболицијата на Иванов со која во 2016-та година беа опфатени високи владини и партиски функционери, односно за членот 11-а кој се однесува на повлекувањето на аболицијата.

Судијата Осман Кадриу предложи да се одложи одлучувањето по членот 11-а и за тоа доби поддршка од уште тројца судии, додека а против беа четворица.

Исто беше и гласањето и за утврдување на дневниот ред, па судијата Јован Јосифовски стана и рече дека без дневен ред нема и седница и ја напушти салата.

Претходно Јосифовски рече дека предлогот на Кадриу не треба да се прифати, но со оглед на изедначените гласови 4спрема 4 немаше можност судиите да се договорат ни за останатите точки од дневниот ред. Недостасува одлучувачкиот глас од предложената судијка Добрила Кацарска за која во Собранието денеска трет ден се води расправа и допрва треба да се гласа за нејзиниот избор.

Ако уставните судии одлучат да се поништи членот 11-а, автоматски би се активирала аболицијата за 56 лица, со што пропаѓаат сите процеси од СЈО против поранешните функционери Груевски, Мијалков, Груевски, Јанакиески, Јанкулоска и други.