Венецијанската комисија за неколку дена треба да ја даде конечната оценка за контроверзниот Закон за јазици откако излезе првична верзија во која имаше бројни забелешки.

Комисијата посочи на бројни недостатоци и побара измени во Собранието но без скратени постапки.

Но, за разлика од европските инситуции, нашите во врска со овој закон молчат веќе една година. Иако пред Уставниот суд, има две иницијативи за оценување на уставноста за овој закон уставните судии ја немаат земено на разгледување.

ВМРО-ДПМНЕ во јануари година поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи според нив законот бил противуставен, донесен во нелегална процедура и штетен.

ВМРО-ДПМНЕ бараше од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или бидејќи постои ризик од настанување на штетни последици.

Оттаму апелираа Уставниот суд да одлучи со најголема итност и да донесе одлука со која го укинува Законот за употреба на јазиците.

Покрај тоа, за опозициската партија, сметаше дека Указот за прогласување на законот за употреба на јазиците е објавен само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери и без потпис на тогашниот претседателот на државата Ѓорге Иванов е во спротивност со Уставот.

Инцијатива за оценување на уставноста на овој закон поднесе и Левица. Тие пред неколку дена се обратиле во Уставниот суд со прашање зошто не се закажува седница за нивната иницијатива Деловникот предвидува итност во постапувањето во случаите кога е побарана времена мерка.
Од Левица се децидни дека дополнително ја дели нацијата по етничка основа и го подрива граѓанскиот карактер на државата – поради што е штетен за соживотот и негувањето на добрите меѓуетнички односи.

Наместо да го издигнува просперитетот на општеството како целина, овој „закон“ само ја засилува илузијата дека Македонците не им даваат нешто на Албанците и дека Албанците им одземаат нешто на Македонците, замаглувајќи ја вистината дека бизниспартиите и корумпираните елити се тие што добиваат сѐ, на наша заедничка сметка! Зад сите овие партии од т.н. „македонски“ или „албански“ блок стојат бизнис-елитите и западните бирократи, а не народот, кој е крајно разочаран и со нетрпение го очекува нивниот пад од политичката сцена-стои во соопштението на Левица.

Трета иницијатива за оценување на уставностса на Законот за јазици ја поднесе професорот Јове Кекеновски. И тој како главна причина за оспорување ја наведе објавувањето во Службен весник без потпис на претседателот Иванов.