Условените оставки на министрите од ДУИ денеска формално ќе бидат доставени до премиерот на владина седница потпишани поединечно од секој од петмината министри, најави вчера шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ Бујар Османи.

Оставките, како што образложеи, по автоматизам ќе се активираат веднаш штом бидат усвоени уставните измени, без нови одлуки од партијата, како што е наведено во писмото од партискиот лидер. Ова се ретки времиња во историјата на една држава кога партиските и личните агенди и кариери се помалку важни од одговорноста што секој ја носи во однос на иднината на земјата и на граѓаните, наведе Османи во телевизоско гостување појаснувајќи го потегот. Во однос на ставот на опозицијата дека нема разговори за уставните амандмани и дека сега на маса се само предвремни избори, оцени дека со тоа на виделина излегуваат двете различни агенди –  изборите, личните агенди, партиските агенди наспроти државните интереси.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како дел од засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на земјава, испрати писма до повеќе политички центри во рам

-Сите барања на опозицијата ги исполнуваме едно по едно. Бараа гаранции – ги добија од меѓународната заедница, бараа излегување на ДУИ (од Владата) – го добија со одлука која што влегува по автоматизам во сила. Мора секој да покаже одговорност во овие важни моменти, секој да исчекори дел од патот. ДУИ го направи својот чекор, очекуваме секоја од политичките партии да направи чекор, да се сретнеме на средина, да го обезбедиме европскиот пат, потоа ќе одиме на избори. Истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните ќе одиме на избори. Се што ќе побараат за уставните измени ние сме спремни да исполниме, вели Османи.

Прашан за изјавата од опозицијата дека оставките се само фолирање, Османи ги повика „да ги тестираат, да ги изгласаат уставните измени“, при што, потенцираше, по автоматизам ќе се активираат оставките на министрите, но и на сите избрани функционери во Владата од редовите на партијата.

На прашањето доколку до ноември не успеат да ги донесат уставните амандмани, кое е сценариото Б, дали ќе следат предвремени избори, Османи е уверен дека измените ќе успеат затоа што, вели, никој не успеал да ја скрши волјата на граѓаните за европската иднина на земјата.

-Уставните измени ќе успеаат затоа што е тоа волја на граѓаните за членство во ЕУ и никој не успеа во овие 30 години да ја скрши таа волја, нема да успее ниту сега. Првата битка ја добивме, граѓаните се уверија дека нема ништо спорно во уставните измени. Верувајте дека битка по битка ќе успееме пред избори да имаме уставни измени, вели Османи.