Сенатот на Универизитетот „Св. Кирил и Методиј“ е против укинувањето на историјата како посебен предмет. Ова е само еден од заклучоците, што Сенатот ги донел на својата последна седница посветена на новиот Концепт за реформи во образованието на министерката за образование, Мила Царовска.

Усвоениот документ на пет страни покажува дека сенаторите на УКИМ се согласуваат со потребата и целите на реформата во образованието, но не на начин кој што го турка Царовска со неколку свои соработници, консултанти и експерти.

Според воведниот текст на заклучоците на Сенатот, започнување на реформа на образованието во краток рок, без соодветни подготовки и без соодветна стручна и јавна дебата, може да доведе до далекусежни последици за процесот на образование.

Заклучоците на Сенатот на УКИМ даваат низа конкретни анализи и сугестии кои се испратени до министерката Царовска.

Според заклучоците, покрај укинувањето на историјата како самостоен предмет, Сенатот на УКИМ е и против намалување или укинување на неколку други предмети, кои се важни за образованието на децата.