-Нема рок за одговор или екстрадиција на осудено лице, велат од Министерството за правда. Но во претходните искуства со екстрадиција на осудени лица Унгарија како она од септември, на пример, се решавало многу бргу. Сепак, случајот со Груевски е многу специфичен бидејќи станува збор за лице, поранешен премиер, кој има добиено политички азил во оваа земја членка на Европската унија.
„Правно гледано, спецификата во овој случај е во азилот”, посочуваат од Министерството за правда, нагласувајќи дека лицето, кое и да е, се додека има меѓународна заштита не може да биде екстрадирано во матичната земја.
Во случајот со Груевски, според постапките за азил на Унгарската канцеларија за имиграција на секои три години повторно се разгледува статусот на секој кој добил азил во Унгарија. Но, останува да видиме дали ќе се чека толку време за преиспитување на азилот и за поранешниот македонски премиер, кој има блиски пријателски односи со актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Министерството за правда на Република Македонија барањето за екстрадиција го поднесе на 20 ноември оваа година до надлежното унгарско Министерство за екстрадиција, но истиот ден Груевски во статус на својот Фејсбук профил објави дека добил политички азил во Унгарија.
„Барањето за екстрадиција се однесува за извршување на правосилна судска пресуда изречена во траење од две години и за водење на четири кривични постапки кои се пред домашните судови, а укажуваме дека за него се водат и четири истраги, како и една предистражна постапка за кои надлежните органи можа да почнат и судски постапки во зависност од истрагата”, се маведува во барањето на Министерството за правда.
Во меѓувреме, на Груевски во отсуство му се изречени неколку мерки притвор, но притворени се и негови сопартијци и обвинети во дела за кои и тој е обвинет, како Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски…
Последен пат избегалниот поранешен македонски премиер и се обрати на македонската јавност токму преку тој Фејсбук статусот од 20 ноември.
-Република Унгарија, земја членка на ЕУ и НАТО, денеска одговори позитивно на моето претходно поднесено барање за добивање политички азил заради политички прогон во Република Македонија. Во барањето за политички азил наведов дека истиот го барам заради политички прогон од новата влада предводен од партијата СДСМ, стои во воведниот дел на статусот, што воедно е и последен на неговиот Фејсбук профил.
Но, не се знае дали поранешниот македонски премиер е се уште во Будимпешта или го продолжил патот.
Во унгарскиот главен град се е во знакот на претстојните божикни и новогодишни празници. Студениот ветер деновиве не ги спречува мноштвото туристи да го видат овој град, ниту, пак, можеше да ги одврати демонстрантите кои за викендот протестираа против новиот закон за труд. Критики за владењето на Орбан стасуваат не само од граѓаните, туку и од официјални претставници на Европската унија, а една од последните се однесува на преземање на медиумите од страна на пратеник од неговата партија. Но, унгарскиот премиер е доследен на својата политика и тој и понатаму не отстапува од своите чекори.
Директорот на унгарскиот Центар за медиуми, податоци и општество Мариус Драгомир во изјава за МИА вели дека било објавено дека поранешниот македонски премиер Груевски бил примен од унгарскиот премиер Орбан, но оти според него е тешко да се каже дали тој е во Будимпешта или не е.
– Не сум го видел со мои очи, вели тој.
За Орбан, пак, посочува дека станал познат по тоа дека им помага на автократите и криминалците од Европа, така што за него и не е изненадување што му помогнал на човек како Груевски.
-Има многу извештаи за корупција во унгарската Влада, така што Орбан наскоро веројатно ќе ја има судбината на Груевски. Па, така, има смисла зошто им помага на веќе осудени, вели Драгомир.
Унгарскиот медиумски експерт, кој порано работел и за Институтот отворено општество, смета дека унгарската Влада треба да го врати Груевски дома.
-Барањето за азил во земја членка на ЕУ нема никаква смисла, а информацијата дека унгарската Влада му одобрила азил само покажува колку е раширен организираниот криминал во регионот и колку тие ги контролираат државните структури, изјави Драгомир.
Сепак, ако се следи изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, за екстрадиција на Груевски во Македонија најверојатно ќе се почека. Тој во Брисел вчера пред почетокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ кажа дека не верува дека Никола Груевски ќе биде екстрадиран од Унгарија во Македонија.
Запрашан дали ги поддржува амандманите на Европскиот парламент во извештајот за Македонија во кои се бара Унгарија да го врати Груевски во Македонија, Хан одговори „се надевам дека тоа ќе се случи, но не е многу веројатно бидејќи двете земји немаат спогодба, но ја разбирам позицијата на Европскиот Парламент”.
На ова веднаш кусо одговори унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дека „комесарот за проширување треба да се грижи за проширувањето, а не за законските процеси во земјите членки”.
Изјава во врска со овој случај имаше и актуелниот македонски премиер Зоран Заев, кој рече дека не ја губи надежта по прашањето за испорачување на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија и покрај ставот на еврокомесарот Хан, кој се сомнева дека тоа ќе се случи и фактот дека ниту Европскиот парламент не може да направи нешто по ова прашање.
(МИА)
Comments are closed for this post.