Унгарската амбасада во Тирана ниту ги потврдува, ниту ги демантира информациите кои ги објави белградскиот весник „Политика“ дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија преку Албанија. Весникот наведува дека Груевски со лажен пасош преку ноќ ја преминал македонско-албанската граница по што бил прифатен во унгарската амбасада во Тирана. Со првиот лет на Малев утрината, Груевски од Тирана директно стигнал во Будимпешта во 10 часот претпладне, наведува српска Политика.
Не ги коментираме процесите кои се уште се во тек, изјавиле од унгарската амбасада во Тирана за тиранската телевизија Топ чанел.
Инаку унгарскиот авиопревозник „Малев“ кој во текстот на српскиот весник „Политика“ се споменува дека го пренел поранешниот премиер Никола Груевски од Тирана за Будимпешта не постои од 2012 година.
Но она што е интересно е дека лично шефот на кабинетот на премиерот на Унгарија, Гергели Гулјаш како што пренесуваат тамошните медиуми посочи дека Груевски поднел барање за азил во една од амбасадите на Унгарија и поради безбедносни причини неговото испрашување ќе се случи во Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта, наместо во граничната транзитна зона.
Шефот на кабинетот на премиерот Орбан, Гергели Гулјаш тврди дека унгарските власти „немаат никаква врска со бегството на Груевски“.
Comments are closed for this post.