Откако во медиумите беше објавено дека поранешниот министер за транспорт Миле Јанакески, преку посредник барал средба со Претседателот Иванов за да побара амнестија за сите процеси кои се водат за него, со реакција се јави Кабинетот на шефот на државата.

Оттаму велат дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор.

Фото МИА

Миле Јанакиески телефонски побара средба со Претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција.

Сметаме дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот.

Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина.

Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК?

Очекуваме итни одговори од Министерот за внатрешни работи, од директорот на УБК, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 на дописите од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија коишто беа испратени денеска.

Очигледно е дека продолжува практиката на конструкции и генерирање на кризи во македонското општество од неодговорно однесување на припадници на УБК, нешто што Претседателот Иванов го потенцираше во годишното обраќање до пратениците во 2017 година.

Претседателот Иванов, како и досега, ќе постапува исклучиво согласно Уставот на Република Македонија и неговите надлежности и со никакви притисоци и закани нема да отстапи од тоа- информираат од Кабинетот на Иванов.