Целосно неизвесно е што ќе се случува со законот за јазици откако во медиумите се појави драфт верзијата со забелешките од Венецијанската комисија.

Владата во јануари годинава го испрати на оценка Законот иако тој е веќе донесен од страна на Собранието заедно со најспорниот член 8 кој не е составен дел од законот, а кој се однесува за употребата на албанскиот јазик на униформите на војската и полицијата, како и на двојазичните пари.

Претходно пак, Службен весник го објави објави Законот без потпис од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, само со потписот на претседателот на Собранието Талат Џафери, потег кој предизвика поделеност во јавноста.

Откако во првичната верзија на Венецијанската комисија се наведуваат бројни забелешки, главно поврзани со употребата на законот во судството нејасно е што ќе се случува со неговата примена понатаму.

Дали власта ќе мора да ги имплементира забелешките или пак ќе се направи глува?

Забелешките на Венецијанската комисија главно се однесуваат на одредбите на законот во врска со двојазичноста во судските постапки, да се одложи извршувањето на паричните санкции сѐ додека не се измени законот.

Венецијанската комисија бара и да се ревидира членот 3 од законот – кој предвидува употреба на албански јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација, на пример со ограничување на обемот на писмената службена комуникација.

Професорката Катица Ѓулавкова  оценува дека Законот е во целост проблематичен, затоа што ја радикализира статусот на албанскиот јазик, а не го заштитува постојниот статус на македонскиот јазик како уставно недвосмислено единствен државен јазик во Македонија, туку обратно, го оштетува, го сведува на факултативен и опционален во државата.

Новиот закон создава услови за неправедна позиција на Македонците и говорителите на македонскиот јазик во Република Македонија, поставувајќи услови за задолжителна употреба и учење на јазикот на една малцинска заедница, албанската, преку санкции, инспекторати, агенции, институционални условувања на македонските граѓани при вработувањата и сл. Законот веќе воведува конфузија, сложени односи, погрешно разбирање и неразбирање во комуникацијата, повреда на македонскиот јазик во државните органи на сите рамништа и во централната власт, што ќе повлече нефункционалност, јазичен и државен паралелизам, јазична федерализација која е поопасна од територијалната, всушност јазична окупација на целата територија и држава во Македонија-вели професората за „Република.мк“.