Димитар Ковачевски или не е од овде или живее во време застанато во 1945-та година. Може да се обидува да ја дефокусира јавноста колку сака со своите фалби за „грандиозните“ успеси на 100-те дена од новата Влада, ама изгледа нема кој да му каже дека тој е премиер! Зашто, не се однесува така, туку како претставник на невладин сектор, што нема врска со државата. Иако, за волја на вистината, Владата ни е одамна двоглава во која главните политички конци ги влечат пулените на Али Ахмети.
Првата собраниска седница посветена на пратеничките прашања по долго, долго време, признавам, ме извади од памет. Ме уплаши! И по којзнае кој пат ме соочи со лицемерието и политичката проституција на владејачкиот СДСМ. А, во заднината стоеше името на Иван Ванчо Михајлов и кој тоа го глорифицира, слави, поставува негови восочни фигури и слики!
Што и требаше на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, да го праша Тачета за отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола!? Му даде можност на премиерот на отворена сцена да ни го покаже неговиот историски ментален склоп, кој не се поместил на милиметар од 1944/45 година, и да не врати во реалноста дека живее во својот и, за жал, наш УДБ-а ленд!
-Како се чувствувам за отворањето на клубот со негово име-ни малку добро. Мојот став за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов е ист, не е променет и кога неговата фигура беше поставена во Ново Село, Штип, со говор на вашиот почесен претседател Никола Груевски. Ист е и кога неговата фигура беше поставена во музејот во Скопје, како дел од криминалниот проект на Груевски и вашата партија „Скопје 2014“. Не знам дали само го имате на сликите во вашата Бела палата, тоа само вие го знаете. Но, знам дека токму ВМРО-ДПМНЕ од своите почетоци е наследник на Ванчо Михајлов, а тоа е срамно и недозволиво. Исто како што и ваши членови беа на отворањето на клубот во Битола. Срамно е што во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот на Тодор Александров и Протогеров за кого редовно пеете песни. Имено, нивниот ученик Ванчо Михајлов ги организираше нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно учествувале во ликвидација на левичарски револуционери. И сега вие мене ме прашувате за Ванчо Михајлов, па свртете се околу вас, во вашиот Бел дворец, видете ги сликите. Прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, а не јас, ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите граѓани, ќе одговори Ковачевски.
Убаво, енергично, категорично. Исто како деценискиот лидер на КПМ, Лазар Колишевски, чиј наследник е СДСМ. Колишевски во книгата „Времето на Колишевски“ од Драган Кљакиќ меѓу другото ќе каже:
-Периодот од 1924 до 1935 година е се уште недоволно истражен и дефиниран. Постојат повеќе мислења особено за карактерот на ВМРО; некои ја споменуваат и толкуваат како изворна ВМРО со двата Гоцеви принципа: беспоштедна борба против отоманското царство и непомирлива борба против бугарскиот империјализам; други автори под ВМРО подразбираат се, и централисти, и врховисти, и разни леви или десни фракции и сл. Се додека науката точно не го дефинира ова мошне актуелно прашање, најверојатно е дека и таму ќе има недоразбирања и веројатно погрешни толкувања, а сигурно е дека ќе има и луѓе кои од не знаење или од недоразбирање ќе се наоѓаат де на едната, де на другата страна на ВМРО. Едно од основните прашања што историчарите и историјата треба да го симнат од дневниот ред е дали ВМРО, како национално-ослободително движење, е автохтона, чиста и без туѓи влијанија или е организација која со времето, од разни причини и поводи се претворила во оружје на туѓинци, ги напуштила изворните идеи и принципи и застанала од другата страна на идеалот за самобитност, слобода и независност-на страната на тероризмот.
Од ова произлегува дека, според Колишевски, ВМРО не била научно проучена, но за него тоа не било пречка во натамошниот дел да фрла дрвја и камења врз четирите свети букви.
Ама во истата книга ќе каже и уште нешто друго, поврзано со седницата на Политбирото на ЦК КПЈ од 21 март 1945 година.
-Тито ја заклучи расправата за таа точка од дневниот ред. Тој врз основа на дискусијата на соговорниците на крајот рече:
„Во Македонија не е изживеан михајловизмот. Тој живее во буржоазијата, па и во селанството. Партијата ги популаризира. Тие најнапред треба да се разобличат на конкретни работи. Македонија треба да се задржува со сопствени сили. Треба да се критикува Ченто во партијата, Влахов треба да се повика овде. Прашањето на овие луѓе треба да се реши внимателно. Треба да се поправи состојбата во Партијата. Македонија се уште не даде ништо за оваа војна. И ние ќе мораме да помогнеме повеќе да дава за војната и за обновата на земјата. Лазо е најдобар, ама е слаб, тешко ќе може да ја води зедмјата. Кај Лазо има амбиции по кои веќе сега треба да се удира…“.
И овој став на Тито ќе биде основата за пучот извршен врз АСНОМ и пресметката со непартијците, врз што се темели и антикомунизмот во Македонија. Под превезот на михајловизмот и на ВМРО ќе гори и суво и сурово. Исто како што сега Таче сака перверзно да не врати во 1944/45 и вината за отворањето на клубот „Иван Михајлов“ да ја префрли врз ВМРО-ДПМНЕ, а не врз неговиот претходник Зоран Заев, кој го потпиша асиметричниот договор со Бугарија, а он го спроведува како понизен партиски и премиерски намесник.
Ванчо Михајлов, ни се допаѓало тоа или не, сакале признале или не, е дел од македонската историја. А, таа, како и секоја друга историја, има свои светли и темни страни и личности. „Радко“, едноставно, спаѓа во темните.
И тука има две интересни работи, што мораат да се споменат. Прво, Македонија, на пример, е држава во која може слободно да се чита на македонски јазик „Мајн Кампф“ на Адолф Хитлер, но не може на македонски јазик да ги чита томовите Спомени на Михајлов или „Македонија-Швајцарија на Балканот“! И второ, наместо Таче да тврди дека на отворањето на клубот во Битола имало приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, би било подобро отворено да каже колкумина од нив биле соработници на УДБ-а или на бугарската Државна безбедност, па и на двете служби одеднаш!
Да, ВМРО-ДПМНЕ имало приврзаници, па и членови, кои отворено се прокламирале како Бугари. И такво ВМРО-ДПМНЕ им одговараше и на УДБ-а, и на КОС, и на СДСМ. Па не попусто токму врз неа се спроведуваше сценариото предвидено со акцијата „Опера“ подготвено во лабораториите на КОС. Бугарските летоци фрлани во 90-тите години за време на едни од парламентарните избори беше токму тоа. Малку подоцна, пак, следуваа и други оперативни акции под разни кодни имиња во кои на удар беше токму ВМРО-ДПМНЕ.
Сето тоа ВМРО-ДПМНЕ го преживеа и го надмина. А, како, знаат само они самите. Но, веројатно никој не очекуваше дека низ едно внатрешно прочистување ВМРО-ДПМНЕ еден ден ќе застане на чисто национални, македонски позиции. И сега токму тоа боде очи и им пречи на многу структури во државата.
-ВМРО-ДПМНЕ го формиравме, зашто во Македонија се уште беа јаки југословенските структури, ќе изјави во една прилика Љупчо Георгиевски, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, реплицирајќи му на Стојан Андов.
Таче наш од УДБ-а ленд ќе потпише заедно со Бугарија одново да се отвараат политичките досиеја. Ќе биде тоа добра можност, ако не знае, да се запознае со многу работи. Еве ќе може, на пример, да провери кој, зошто и со каква цел ја организирал посетата на МПО во САД и Канада? Кој бил составен дел на делегацијата? Зошто потоа се отстранети оперативци од УДБ-а? Зашто, нели, МПО била организацијата, која го финансирала Ванчо Михајлов.
Потоа, на пример, како ќе ги рехабилитира македонските Бугари, кои биле прогонувани по линија на „Врховизам и македонски екстремизам“ најмалку до 2000-та година, а притоа да не ги рехабилитира Македонците, кои биле жртви на тој „македонски екстремизам“?!
А, за восочните фигури на Ванчо Михајлов нека не се секира. Тоа е најмало гајле. И Хитлер има восочни фигури и во Мадам Тисо во Лондон и во музејот во Берлин, чинам. Само што таа во Берлин беше веднаш „осакатена“, ама не и уништена. Па, нивното постоење не значи и негова рехабилитација, уште помалку бришење од историјата.
Па, и за неговата слика во Белата палата. УДБ-а одамна знае за неа. Дел е од колекцијата на Родољуб Анастасов, жртва на ИБ, осуденик на Голи Оток, чиј внук, според сите сомнежи, беше жртва на тајната комунистичка полиција.
Наместо да се служи со УДБ-ашки методи, Таче наш, голем маж, нека реагира и да обелодени кој дозволува да се лепат бугарските стикери со содржина „Еден народ“, нека каже што мисли за тврдењето на Румен Радев дека Гоце Делчев бил „апостолот на слободата на македонските Бугари“ или ќе му оди на гости на малиот бугарски Путин за да учествува на чествувањето?!
Comments are closed for this post.