Јавното обвинителство поднесе обвинение против актерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајлоски за  закани упатени преку социјалните мрежи кон  новинарот  Бранко Тричковски.

Обвинетиот според обвинителниот предлог се товари за кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.4 од Кривичниот законик.

Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот, соопшти ОЈО Скопје.

Пресинг Тв го контактираше новинарот Тричковски, кој појасни дека кривична пријава против Михајловски поднело ЗНМ, а подоцна тој бил повикан да даде изјава во врска со случајот.

Имав закани и  тие ги чувствувам сериозни.  Сметам дека човекот заради тие изречени  закани  заслужува да биде кривично гонет. Го поздравувам актот на кривична постапка, кој покажува дека отвораме ново поглавје, дека таквите закани од позиција на сила ќе бидат санкционирани и дека се недозволиви, вели Тричковски за Пресинг ТВ.

На прашањето до Тричковски дали очекува Обвинителството и него да го гони за повиците преку колумни и социјални медиуми за ликвидација на претседателот Иванов, екс премиерот Груевски и опозицискиот лидер Мицкоски, тој одговара:

Моите обраќања во колумни во разни форми и на социјалните мрежи се високо естетизирана литературна политичка проза. Само неписмени луѓе и будали во тие обраќања можат да прочитаат смртни закани или говор на омраза и кон претседателот на државата и кон бившиот премиер и кон сегашниот лидер на опозицијата . Првата разлика е во таа литетрурна димензија во метафориката, а втората работа е што моите обраќања се однесуваат на највисоки вршители на власт, не се однесуваат за обични граѓани. Тие вршители на власт  се одговорни за општите состојби во државата, изјави Тричковски.

Пресинг Тв побара коментар и од актерот Михајловски, кој само кусо ни одговори:

Немам коментар.

Инаку на фејсбук по објавувањето на обвинението Михајлвоски  напиша:

Ко што рече Ѓеро на насловна “Премиерно ќе го крка Тони Шанац”. Но, животот е тркало. Час си горе, час долу.  Тоа што ме има во вашите црни тефтери за отстрел, што ги спомнуваше великиот режисер, само ми е доказ дека треба продолжам како и до сега.

Дали со обвинение ќе се соочи и Тричкоски , од Обвинителството велат:

Во овој момент обвинителниот предлог се однесува  на конкретен настан и се однесува за тоа дело, што не исклучува било какво постапување на ОЈО за било каков друг настан доколку се утврдат елементи на друго сторено кривично дело, велат од ОЈО.