Седницата за уставните измени никако да почне. Освен обраќањето на премиерот Заев во кое побара поддршка од пратениците,веќе три дена спикерот Талат Џафери никако да ја свика седницата. Таа постојано се откажува што многу наликува на 19 октовври кога седница немаше се додека не беше собрано двотретинско мнозинство.

Тоа и сега е случај бидејќи власта ги нема потребните 80 пратеници. Засега не може да се смета на двата гласа на Беса од крилото на Билал Касами кои бараат за граѓаните од Албанска етничка припадност во државјанствата на македонски јазик да гласи „македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, на албански јазик да биде „еMaqedonise Veriore“ и на англиски јазик „macedonian/citizen of Republc of North Macedonia“.

Но, со тоа не се согласуваат осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека со тоа се наштетува на македонскиот идентитет и бараат да стои онака како што е договорено со Договорот од Преспа.

Според Деловникот за оваа фаза дозволени се десет дена за расправа. Процедурата е таква што секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство.

Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се отвора уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.