Изминатава година беше клучна за регионот во контекст на евроинтеграцијата, а регионалната соработка е многу важна како најсоодветен одговор на актуелните сензитивни моменти во ЕУ. Научените лекции од изминатите неколку години се најдобар показател дека зголемувањето на заемната доверба, добрососедските односи и засилена економската соработка резултираа со поголема поврзаност на регионот и создавање подобар впечаток на истиот.

Ова го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан, што вчера и денеска се одржува во Будва, во организација на црногорското Министерството за надворешни работи.

Како што соопшти МНР, на состанокот се разговарало во врска со состојбата во процесот на ЕУ интеграција на земјите од Западен Балкан – прогрес и перспективи како и исполнување на обврските од Берлинскиот процес произлезени од заклучоците на Самитот во Лондон 2018, а во насока на подготовки и организација на Самитот на Процесот, чиј домаќин следната година ќе биде Полска.

Во овој процес ние како регион треба да бидеме искрени и директни за да успееме. Исто така треба да преземеме одговорност за нашата сегашност но и за нашата иднина. Она што ни е заеднички потребно е натпревар на позитивни реформи. Имаме шанса да созрееме и таа шанса треба да ја искористиме, рече Димитров.