За справување солажните вести постојано да се развива критичката свест, во смисла на етички норми, личен интегритет, емпатија и чувство за фер однос, да се биде свесен за емоциите што ни ги предизвикува некоја информација и евентуалната реакција да ја одмериме со разум, а не со чувства, да се информираме за новостите во дигиталната технологија и услуги за да бидеме ние нивни господари, а не обратно, вели во интервју за МИА директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) Зоран Трајчевски.
Во пресрет на кампањата за претседателските избори порачува дека клучна работа е медиумите во секојдневната работа да постапуваат според новинарските стандарди.
Лажните вести станаа секојдневие со големи последици за целото општество. Со оглед на посветеноста на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за зголемување на медиумската писменост, може ли да се направи проценка колкав е „одбранбениот механизам” на граѓаните за лажните вести?
Од Истражувањето на нивото на медиумската писменост кај возрасната популација во земјава, спроведено од Агенцијата во 2016 година, може да се види дека околу 2/3 од граѓаните биле свесни дека различните медиуми различно информираат за исти настани и обично правеле проверки на информациите користејќи различни други извори, при што околу 75 отсто не ги прифаќале информациите само од еден извор. Ова може да се смета за своевиден индикатор и за тоа колку граѓаните се свесни дека можат да бидат излажани или манипулирани од медиумите.
Ова, сепак, не значи и дека нема да поверуваат на различните типови лажни вести зашто ваквите информации знаат да апелираат на чувствата (да предизвикаат страв, лутина или забава).
Што може да им препорачате на граѓаните, но и на медиумската заедница за полесно препознавање на лажните вести?
Најпрвин се чини важно да се каже дека фразата лажни вести всушност зад себе крие многу посложена појава или поточно кажано го покрива и замаглува она што во европски рамки веќе се нарекува информациски хаос или нарушување (information disorder). Всушност, станува збор за три типа информации кои се разликуваат по својата (не)вистинитост и по намерата. Едно се дезинформациите (disinformation) кои се лажни информации кои се создадени намерно за да се наштети некому (измислена или намерно изменета содржина, намерно создадени теории на заговор или гласишта). Други се погрешните информации (misinformation) кои се лажни информации, но не се создадени со намера да нанесат штета (ненамерни грешки, какви што би можеле да бидат неточен текст под фотографија, датум, погрешен превод или кога сатирата е сфатена сериозно). Трета работа се злонамерните информации (malinformation) – тоа се информации кои се засновани на реалност или се вистинити, но се објавуваат така што се користат со намера некому да се нанесе штета (на пример, намерна промена на контекстот, датумот или времето на оригиналниот контекст така што се менува вистинското значење на информацијата, намерно објавување приватни информации поради личен или корпорациски интерес, а не за јавен интерес, објавување порнографски материјали заради одмазда итн.).
Што се однесува до препораките, потребно е континуирано да ја развиваме критичката свест (во смисла на етички норми, личен интегритет, емпатија и чувство за фер однос), треба да се биде свесен за емоциите што ни ги предизвикува некоја информација и евентуалната реакција да ја одмериме со разумот, а не со чувствата, да се информираме за новостите во дигиталната технологија и услуги за да бидеме ние нивни господари, а не обратно, и секако, да бидеме свесни за сопствената моќ и одговорност што ги имаме како граѓани и на нашето општество, но и на светот воопшто.
АВМУ соработува со регулаторите во оваа област од повеќе држави. Какви се нивните искуства во справувањето со лажните вести и можете ли да издвоите позитивни примери?
Ширењето дезинформации, лажни или злонамерни информации е прашање на почитување на професионалните новинарски стандарди, и оттаму тоа е, пред сè, прашање на саморегулација. Регулаторните тела,сепак, се занимаваат со оваа тема најчесто во рамки на обуките за различни регулаторни прашања кои имаат допир со професионалните начела, или за говорот на омраза или пак во активностите за јакнење на медиумската писменост. Во секој случај, пристапите се различни во зависност од контекстот на секоја поединечна држава.
АВМУ ги регулира и правилата за известување при избори. Во пресрет на кампањата за претседателските избори што може да се направи за да се спречи ширењето на лажни вести?
Клучната работа е медиумите во секојдневната работа да постапуваат според новинарските стандарди. Ова би значело, во најмала рака:
– редовно да проверуваат од кој извор стигнала информацијата и ако им е непознат да го проверат и самиот извор (ова е особено важно за информации добиени по интернет зашто веќе сите знаеме како се користат социјалните мрежи и интернет медиумите за ширење дезинформации и пропаганда);
– доколку, во трка со времето и желбата за ексклузивност во информирањето, се случи да објават неточна информација – да објават и корекција, да и се извинат на публиката, да ја повлечат неточната вест;
– доколку од засегнати страни добијат одговор или исправка, да ги објават онака како што е пропишано во Законот за медиуми (и овие правила важат за сите медиуми без оглед на средството преку кое се пренесуваат);
– да се држат до правилото за објективно и непристрасно известување што значи да не бидат ниту нечии апологети, но и да не шират пропаганда.
Листава може да продолжи натаму, но доволно би било секој новинар, уредник и сопственик на медиум редовно да го консултира Кодексот на новинарите – таму има одговори на многу дилеми што можат да се појават. И, секако да бидат свесни за своите законски обврски, кои, кога станува збор за избори, се пропишани во Изборниот закони
Comments are closed for this post.