Главна тема на разговор меѓу Скопјани како и на социјалните мрежи е излевањето на хемикалија во кругот на фабриката Охис. Но, малкумина знаат што е всушност Метил акрилат мономер.

Метил акрилатот е токсична супстанција која при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди на истата.
При експозиција на пареи од метил акрилат доаѓа до иритација на очната слузокожа и појава на чешање и солзење на очите а при поголеми концентрации може да дојде и до оштетување на видот.

При контакт со пареи од метил акрилат, во зависност од времето на експозиција односно изложеност и неговата концентрација, може да дојде до полесни или потешки нарушување на респираторниот ситем проследен со печење во грлото и градите, кашлица, отежанато дишење, а при поголеми концентрации може да настане оток на белите дробови (токсичен белодробен едем) која е потенцијално смртносна компликација.