Денешното рочиште на случајот „Плацеви на Водно“ е одлоѓено поради тестирање за Ковид-19 на обвинителката Лиле Стефанова, а следното е закажано за 2 септември.

Пред почетокот на рочиштето, стручен соработник ги инфомира присутните дека судењето ќе се одложи поради тоа што јавната обвинителка Лиле Стефанова ќе се тестира за КОВИД-19.

Бранителот на Сашо Мијалков, адвокатот Звонко Давидовиќ, во изјава за медиуми рече дека биле известени оти обвинителката побарала одлагање, затоа што наводно била во контакт со суспектно  лице на Ковид-19.

– Ова е причина за одлагање, во оваа ситуација, каде што важат мерките за пандемија, но се прашувам што ќе беше ако се случеше со некој од бранителите, такво нешто. Најверојатно ќе беше повик, дека е притворски предмет и дека е итна постапката, па се одолговлекува, но никогаш тоа не се случило со обвинителството, што покажуав колку се рамноправни страните во постапката, изјави Давидовиќ.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.