Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
– Врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалцијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието, за мандатар за состав на владата го определувам Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, рече претседателот Пенадровски во вила „Водно“.
Лидерот на СДСМ Ковачевски изјави дека доделениот мандат за него преставува чест и одговорност.
– Од денес почнувам со формирање на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година, рече Ковачевски.
Тој посочи дека сме соочени со долгогодишни проблеми и оти затоа се потребни стабилни, храбри и одговорни луѓе кои, како што рече, ќе понесат одговорност, да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните.
Најави дека новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.
– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам, нагласи Ковачевски. Најави дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во полиитиката и во институциите. Вети дека ќе се залага за независни институции и правично општество.
Ковачевски најави дека фокусот ќе биде на економксиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата. Според него, не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии кои, како што рече, прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите. Најави надминување на разликите и брзо обединување за приопритетите за брзо да напредуваме.
Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што почна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.
Централниот одбор на СДСМ на седницата што се одржа во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер. Формирањето на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.
Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.
Comments are closed for this post.