Ќе се користат налепници со ознаката „НМК“ наместо нови регистарски таблички, за заштита на граѓаните од финансиски трошоци и вадење нова документација. Ова го соопштија од Владата по денешната седница.

Владата на денешната 154-та седница ја разгледа и усвои и Информацијата за потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблици, предложена од Министерството за внатрешни работи.

Со ставањето налепница на регистарските таблици, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблици со нови регистарски таблици.

По разгледувањето на Информацијата, задложено е Министерството за внатрешни работи да изготви Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.