Поради болест на обвинетиот, Мартин Протуѓер, судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство е одложено за 24 септември. Адвокатот на Протуѓер, Дончо Наков, до судот достави лекарска документација притоа објаснувајќи дека обвинетиот синоќа во два часот бил однесен во ургентен центар.

Таквото барање на адвокатот на Протуѓер беше прифатено од обвинителката, Лиле Стефановска, која појасни дека лекарската потврда ја докажува спреченоста на обвинетиот да присуствува на рочиштето, но дека таа е со важност од седум дена.

На рочиштето присуствуваа сите останати обвинети.

Во случајот „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.