Судењето за незаконското финансирање на невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица продолжува на 25 декември, откако на денешното рочиште беше презентирана комуникација од вештачењето на телефонот и компјутерската опрема на обвинтетата Јасна Ерцеговиќ.
Од изведените докази можеше да се види секојдневната работна комуникација на Ерцеговиќ во врска со 1ТВ, но и од други организации и проекти на кои работела во периодот 2017-2019 година.
Ерцеговиќ, на почетокот реагираше на терминологијата што ја користи обвинителството, бидејќи опремата не е одземена и таа не била приведена, туку дека таа самата се пријавила и дека сите компјутери дозволила да бидат земени и на ниту еден немала лозинка, односно биле целосно отворено.
Дополнително, таа реагираше дека за изведната комуникација обвинителството не укажало дека не е лично нејзина, туку само препратена комуникација од други лица.
На следното рочиште на барање на одбраната на Фросина Ременски, судот дозволи да бидат сослушани вештаците, кои ги изработиле вештачењата, кои треба да бидат изведени како докази.
Обвинителството, на почетокот на денешното рочиште изведе превод од српски на комуникација на првообвинетиот Јовановски и друго лице, од кој можеше да се види како тој нарачува и купува алишта и накит од Милано, како и договара барања за поврат на ДДВ за купената стока.
Бранителот на Јовановски, адвокатот Сашко Дуковаки реагираше дека преводот на предложениот доказ требало да биде доставен заедно со доказот пред почетокот на рочиштето, а не потоа дополнително да биде прифатен од Судот.
Овој превод е неблаговремен и незаконски, изјави Дуковски.
Случајот го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е обвинителката Милица Гаврилова.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Comments are closed for this post.