Судењето за случајот „Рекет“ и денеска продолжи со изведување материјални докази. Со презентацијата на содржината на над 40 најлонски црни вреќи полни со одземена гардероба на Бојан Јовановски алијас Боки 13, судницата се претвори во „модна писта“. Но, листата на докази се уште не стигна до 50.000 евра наводно пронајдени кај Катица Јанева, а никој не поставува ни прашање каде се 1,5 милиони евра од чантата Луј Витон.

Од тоа што можеше да се види од фотографиите, евидентно беше дека Боки 13 бил „заробеник“ на светските модни брендови. Меѓу запленетата гардероба има и користени и некористени парчиња. Настојувањето на обвинителството е да го докаже перењето пари, но останува отворено прашањето кои пари се трошени и на гардероба и на мебел, во кој период, а кои се „перени“ со нивно пуштање во паричните текови?!

Извесна доза на сомнеж кај одбраната на Катица Јанева фрли презентираниот доказ со број 73. Тој ги содржи одземените материјали и предмети од домот во Скопје. Покрај тоа што можеше да се види од видео и фото материјалот од останатите изведени докази дека во куќата на ул.Стрезова имало и мал фитнес клуб со справи за вежбање, како и боксерска вреќа, при претресот се одземени и бели листови со содржина пишувана на рака. Одбраната реагираше дека тој доказ не го има добиено, но обвинителите го тврдеа токму спротивното.

Презентирањето на доказот може да отвори нови сомнежи. Зашто, од тоа што можеше на брзина да се види и прочита остана нејасно дали се работи за писмена комуникација меѓу Катица и Боки 13, зошто таа се водела на тој начин, дали, пак, таа се однесува на некои други лица, од кога датира, чиј е тој ракопис? Одговори сигурно ќе бара и даде и обвинителството и одбраната.

Поради технички причини, изведувањето на доказите запре при изведувањето на тој, што се однесува на извршеното форензичко вештачење на удио и видео материјалите, што до обвинителството ги предал бизнисменот Орце Камчев.