Од ВМРО ДПМНЕ денеска го обвинија премиерот Зоран Заев дека јавно повикува на поткуп на гласачи и ги повикаа Обвинителството да регира. Во продолжение изјавата во целост на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски:

Зоран Заев го допре дното. Зоран Заев ја одреди цената за која што граѓаните треба да се откажат од националниот идентитет. Зоран Заев отворено порача колку чини откажувањето од историјата, традицијата и културата.

Зоран Заев на отворена сцена, пред граѓани, среде митинг, повика и поттикна сопственици на компании и бизнисмени да ветуваат или даруваат подарок или друга материјална корист за избирачко право. Заев побара од бизнисмените да даруваат пари и материјална корист на вработените, од друга страна кон работниците настапи со барање и очекување за 6 илјади денари да ја продадат државата и идентитетот.

Ова е скандал без преседан! Чист криминал за кој што во секоја правна држава се оди директно во затвор! Ваква монструозност, вакво отворено бесрамно признание, поттикнување и заплашување за изборни цели, е незапаметено во Република Македонија. Колку и да е клиентелистички и под притисок македонскиот правен систем,  за ова мора да има кривична одговорност.

Признанието на Заев е потврда на кривично дело кое во правниот систем на Република Македонија е опфатено во најмалку четири Закони: Кривичниот Закон, Законот за спречување на корупцијата, Изборниот Закон, Законот за референдум. Ова е кривично дело кое директно удира врз највисокото демократско право, а тоа е правото на избор.

Според Членот 162 од Кривичниот закон: Поткуп при избори и гласање, стои: „Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава, или ветува подарок или друга корист со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор најмалку пет години“

Во Членот 160 од Кривичниот закон – Повреда на слободата на определување на избирачите, се вели: „Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право ќе се казни со затвор од најмалку три години“.

Ова е признание за кое Јавното Обвинителство веднаш мора да поведе истрага.