Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, дале исказ за случајот „Рекет“, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Богоев дал изјава вчера, а Петровска денеска.  Во интерес на истрагата, велат од Обвинителството не можат да споделат детали за содржината на нивните изјави.

„Паралелно со прибирањето на вербални докази, обвинителството дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија. Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител“, информираат од  Обвинителството.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 15 јули го отвори случајот за рекетирање во кој првоосомничен е Бојан Јовановски-Боки 13, а второосомничен бизнисменот Зоран Милески-Кичеец. И двајцата се во притвор.