Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајкл Р. Помпео, во рамките на неговата еднодневна официјална посета на нашата земја имаа тет-а-тет средба, откако претходно државниот секретар на САД се сретна со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Веднаш потоа се одржа и билатерална средба кога на премиерот Зоран Заев му се придружија и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
На оваа средба доминантна тема беше проекцијата за развој на соработката меѓу двете земји стратешки партнери, со посебен акцент на потенцијалот за натамошно унапредување на економските односи и за привлекување нови американски инвестиции во земјава.
Посебно внимание за време на разговорот беше посветено на успешната соработка и партнерство во доменот на одбраната, особено меѓу АРМ со Националната Гарда на Вермонт, како и во рамките на воените мисии ISAF и „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Comments are closed for this post.